Регионален пристап кон намалување на резервите на оружје
На 6-7 мај 2009 година владата на Соединетите Американски Држави беше домаќин на работилницата за иницирање на Регионалниот пристап кон намалување на резервите на оружје (RASR) во Југоисточна Европа, одржана во Загреб, Хрватска. На работилницата присуствуваа претставници од министерствата за одбрана и од генералштабовите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија; претставници на американската влада од Министерството за надворешни работи и од Министерството за одбрана; и претставници на НАТО, НАМСА, ОБСЕ, УНДП. Присуствуваа и претставници од EOD Solutions, Меѓународниот фонд за разминирање и за помош на жртвите од експлозии на мини (International Trust Fund for Demining and Mine Victims Assistance), Центарот за информирање за активности за сузбивање мини (Mine Action Information Center), Регионалниот центар за соработка во безбедноста (Regional Center for Security Cooperation), проектот Small Arms Survey и Клиринг-центарот за контрола на рачно и на лесно оружје во Југоисточна Европа (Clearinghouse for the Control of Small Arms and Light Weapons / SEESAC). На првата работилница на RASR беа поканети и Косово и Македонија, кои не присуствува, но тие може да учествуваат на идните средби. Учесниците идентификуваа пет приоритетни прашања каде RASR може да поттикне поголема координација меѓу учесниците вклучени во активностите за намалување на конвенционалното оружје:
1. национална и регионална политика
2. инфраструктура
3. обука, едукација и изградба на капацитети
4. споделување информации за најдобрите практики
5. стандардизација
2. инфраструктура
3. обука, едукација и изградба на капацитети
4. споделување информации за најдобрите практики
5. стандардизација
Овие прашања ќе служат како основа за последователните средби на RASR. Учесниците беа едногласни во својата желба на есен повторно да биде одржана нова работилница на RASR.
1. Национална и регионална политика
Учесниците идентификуваа неколку прашања поврзани со националната и со регионалната политика, како и со програмите што го попречуваат регионалниот пристап кон намалување на резервите на оружје. Тие опфаќаат неразбирање и недавање поддршка од страна на националните креатори на политиките, посебно во законодавните тела; менувања и конфликти во националните закони, политики и прописи, и непостоење донаторска координација, што води кон празнини и преклопувања во билатералните и во мултилатералните проекти. Работите што дополнително го усложнуваат обидот кон регионален пристап се ниското ниво на доверба меѓу владите, ниското ниво на посветеност меѓу политичките лидери и кратките временски рокови.
Заради решавање на овие предизвици на краток рок, учесниците се согласија дека уништувањето на конвенционалното оружје треба да биде постојано прашање на дневниот ред во текот на редовните конференции на високо ниво на министрите за одбрана и на началниците на генералштабовите во регионот.
2. Инфраструктура
Инфраструктурата претставува уште едно средство за олеснување на регионалниот пристап. Учесниците препорачаа изградба и/или надградба на објекти; идентификување објекти што може да се користат како регионални центри за уништување; подобрување на одржувањето на системите на објектите и на персоналот; и спроведување дополнителни операции за намалување на резервите. Пречките за таквите активности, главно, се од финансиска природа, со оглед дека владите во регионот немаат средства за големи инфраструктурни проекти и се обесхрабрени од вистинската големина на предизвикот. Исто така, постои недостиг на информации за големината и за содржината на резервите во секоја од земјите во регионот. Регионалните центри за уништување се соочуваат со дополнителни правни пречки поради кои се попречува транспорт на оружјето и на муницијата преку националните граници.
Заради унапредување на активностите за подобрување на инфраструктурата учесниците препорачаа спроведување студија со која ќе се идентификува како, каде и до кој степен може да се заштедат средства преку активностите на соработка. Исто така, тие предложија спроведување студија во која ќе се оценат националните капацитети во регионот и како тие би можеле да се консолидираат за да бидат поекономични. (На пример, таква процена веќе е направена за Босна.) Владите од регионот би можеле да им дадат приоритет на високопрофилирани проекти „за брза победа“ - како што се организирани настани за уништување или безбедносни подобрувања на резервите со оружје - со цел создавање импулс и политичка волја за натамошни активности за намалување на резервите.
3. Обука, едукација и изградба на капацитети
Обуката, едукацијата и изградбата на капацитетите се други значајни средства за поттикнување на регионалниот пристап кон намалување на резервите на оружје. Таквите активности не само што ќе ја зголемат домашната и регионалната техничка експертиза, ќе промовираат разбирање и поддршка од креаторите на политиките и ќе го зголемат пристапот до националните и до регионалните ресурси, туку заедничката обука ќе помогне за изградба на довербата меѓу армиите и министерствата за одбрана во регионот. Главните пречки за регионалните капацитети се недостиг на знаење и немање регионална координација.
Сите документи за најдобрите практики и упатства првично би требало да се преведуваат на јазиците од регионот за да се зголеми пристапот до информации. Воспоставувањето централен депозитар за најдобрите практики, за стекнатите знаења и за поврзани документи би можело да претставува форум за споделување информации и соработка. Со изработка на програми и развој на средства за заедничка обука не само што би се намалиле трошоците, туку тоа би претставувало значаен инструмент за размена на знаења и за изградба на доверба. Регионот би можел да размисли управувањето со физичката безбедност и со резервите и уништувањето на конвенционалното оружје да станат постојан дел од конференциите што на техничко ниво се одржуваат за експертите во регионот.
4. Споделување информации за најдобрите практики
Учесниците ја препознаа потребата од размена на информации, транспарентност во техничките и на политичките механизми, и од поттикната регионална координација на политиките, каде тоа е соодветно. На краток рок, учесниците препорачаа изработка на колаборативна студија за националните капацитети и постапки, кои се специфични за Југоисточна Европа. За зголемување на соработката, регионот би можел да воспостави неформални работни групи на различни нивоа во областите на техниките, управувањето и политиките, со цел споделување на практиките специфични за областа. На подолг рок, воспоставувањето неформална група владини експерти би можело да се искористи за консолидирање и за координирање на овие практики.
5. Стандардизација
Регионот ја препозна потребата од заеднички стандарди за класификација на муницијата, заеднички системи за надзор на муницијата и од национални точки на контакт. Ниското ниво на доверба меѓу владите и немањето координација се пречки за овој вид размена на информации. Ќе се покаже тешко и управувањето со спротивставените домашни закони и регулативи. Клиринг-центарот за контрола на рачно и на лесно оружје во Југоисточна Европа (SEESAC) води база на податоци на националните точки на контакт со одговорност за политиките и за програмите за малокалибарското оружје. Заради подобрување на координацијата на краток рок, владите треба да соработуваат со SEESAC на одржување ажурирана база на податоци.
На среден рок, би било корисно да се спроведе сеопфатна студија за тоа кои компоненти на националните резерви треба да се класификуваат според стандардите на Обединетите нации. На подолг рок, регионот треба да воспостави неформална група владини експерти заради консолидирање и координирање на овие практики.
Прашања за акција
Национална и регионална политика
- Уништувањето на конвенционалното оружје да стане постојано прашање на дневниот ред за време на редовните средби на високо ниво на министрите за одбрана и на началниците на генералштабовите.
- Заживување на Регионалниот план за спроведување за Југоисточна Европа.
- Организирање регионален самит за ова прашање
Инфраструктура
- Изградба и/или надградба на објекти
- Идентификување објекти што можат да се користат како регионални центри
- Подобрување на одржувањето на системите на објектите и на персоналот
- Спроведување дополнителни операции за намалување на резервите на оружје, особено високопрофилирани, со што ќе се создаде политичка волја и импулс за натамошно уништување на конвенционалното оружје (CWD) и за физичка безбедност и управување со резервите на оружје (PSSM).
- Спроведување студија за да се идентификува како, каде и до кој степен може да се заштедат средства преку активности на соработка.
- Спроведување студија за националните капацитети и постапки кои се специфични за регионот, со цел наоѓање начини за нивно консолидирање заради поголема економичност.
Споделување информации и најдобри практики
- Преведување на сите документи и упатства за најдобрите практики на јазиците на регионот
- Воспоставување централен депозитар за најдобрите практики, стекнатите знаења и поврзаните документи
- Формирање неформална група владини експерти
- Соработка со SEESAC заради водење и ажурирање база на податоци за националните точки на контакт
Обука, едукација и изградба на капацитети
- Развој на заеднички програми и средства за обука
- Вклучување на PSSM и на CWD на конференции на техничко ниво
- Формирање неформални работни групи во областите на техниките, управувањето и политиките
- Едуцирање на законодавците и на креаторите на политиките за заканата
Стандардизација
- Спроведување сеопфатна студија за тоа кои компоненти на националните резерви мора да се класификуваат според стандардите на ОН